За новото дело на Маџунков, Стефан Марковски вели:
„Постојаната потрага по не така далечното, а трансцедентно минато на мигови како да преоѓа во посег по соочување со „зафрлени“ делови од себеси, аспекти на персоналитетот ставени во сенка на машинизираното секојдневие, фотографски живописно доловено од поетските слики кои статично се „шират“ во текот на песната, релативно ретко контрастирајќи меѓу себе. За Маџунков поезијата е средство со кое се продира токму во сржта на промената која треба да го направи светот подобар, а некогаш ваквата промена е сосем едноставен чин кој резултира со спокојство во тоа да се биде, можеби само да се остане свој на своето…“
Во една своја импресија за спомените во поезијата на Ристо Маџунков, Никола Маџиров ќе рече: „Сеќавањето во поезијата на Ристо Маџунков не е враќање, туку присуство. Во неговите стихови тишината се соединува со времето, далечината со прибежиштето, а говорот на осаменоста е архитектура на еден трајно променлив дом. Јејтс велеше: Да полемизираш со некој друг е реторика, да полемизираш со самиот себе е поезија.“
Ристо Маџунков е роден на 24.05.1948 година во Струмица. Основно образование и гимназија завршил во својот роден град, а медицински факултет во Белград (1973). Специјализирал во Скопје и Париз (1979-1982). Основач е и долгогодишен началник на Службата за Трансфузиологија во Струмица. Од 2006 година живее и работи во Торонто, Канада. Автор е на пет поетски книги: „Семки“ (2019), „Прашинки“ (2017), „Капки“ (2014), „Глас во пустина“ (1994), „Вечен збор“, (1992).