Вечерва во 19.30 часот, во кафулето „Котур кафе и филм“ ќе се одржи промоција на графичкиот роман „Легендите на Тур де Франс“ од холандскиот автор Јан Клејне, во издание на стрип-книжарницата „Бункер“.

„425.691 километри. Над 100 години традиција. Низ снежни бури и пеколни горештини. Вистински легенди и невидени скандали. Ова е приказна за Тур де Франс каква што не сте прочитале досега“, се вели во најавата на романот.

„Клејне ја раскажува приказната на славната велосипедска трка во десет поглавја, стартувајќи од почетоците во 1903 година. Ова е навистина прекрасна книга. Секој пат кога возам велосипед, мислам на неа“, пишува критичарот на „Гардијан“.

Со оваа промоција почнува фестивалот на филм и музика Ѕирни, што се организира по повод една година постоење на „Котур кафе и филм“.

„Ќе има девет дена исполнети со проекции на филмови, гостувања на режисери, концерти, музичка селекција и изложба на филмски постери. Ќе ви претставиме што е тоа што го правевме оваа година и во кој правец сакаме да продолжиме да работиме. Ѕирни тука, блиску до тебе, не барај далеку, квалитетот е универзален“, најавува кафулето.