Четири драмски текста собрани во збирката „Драми“ на Ана Ристоска Трпеноска неодамна беше објавена од „Перун Артис“ од Битола. Драмскиот ракопис на Ана Ристоска Трпеноска во голема мера потсетува на промислување на Мартин Кримп, драматичар што заврти нова страница во британската драматургија. Таа е остра, неприкосновена, опскурна и ситничава во своите реплики, егзактна и сурова, но од друга страна е филозофски прибрана, длабока и неселективна. Книгата ја сочинуваат драмите: Јас, на некое друго место, 5:17, Да тргнеме, сењор и Големите очекувања. Овие четири драми зборуваат за драматуршка појава која во македонската драматика плени со својата специфика и комплексност.
Драматиката на Ана Ристоска Трпеноска е тензична, со софистициран и ангажиран хумор. А кога ќе помислиме на пораките што остануваат да висат во воздухот… Веројатно ќе ги превртуваме низ мислите по заминувањето од претставата или при анализата на впечатоците од прочитот на оваа книга. Книга може да се најде во книжарниците на Или-Или, Полица, Три (ГТЦ), Литература.мк (улица Македонија), Илика и во Bookhouse во Битола.