Menu Close

5 Интересни факти за Марија Кири и за нејзината фамилија, најнаградувана со Нобелови награди

Кога Марија Кири и нејзиниот сопруг Пјер ја освоиле Нобеловата награда по физика во 1903 година, нивната најстара ќерка Ирен имала само 6 години. Тие тогаш не претпоставувале дека Марија ќе добие уште една Нобелова награда, и тоа во областа на хемијата, во 1911 година, и ќе стане првата личност во историјата што ја добила наградата двапати. Но ова семејство ќе има уште Нобелови награди.

Ирен и нејзиниот сопруг Жан Фредерик Жолио во 1936 добија Нобелова награда по хемија. Во 1965 година Хенри Лабуис, сопругот на Ева, најмладата ќерка на Марија и Пјер, доби Нобелова награда за мир во име на УНИЦЕФ.

1.Нобеловите награди на Марија биле контроверзни

Марија Кири била првата жена што имала докторат во Франција. Таа била првата жена што добила Нобелова награда, првата жена што добила повеќе од една Нобелова награда и првата личност што добила Нобелова награда во повеќе од една наука. Сепак, некои луѓе сметале дека таа не заслужувала да ја дели научната сцена со нејзините машки колеги. Во 1903 година Нобеловата награда по физика им била доделена на Марија и Пјер Кири за нивното истражување за радијацијата, како и на Анри Бекерел за работа во областа на радиоактивноста.


Фото: Пјер и Марија Кири/Wikipedia

Сепак, членовите на Француската академија на науките ги номинирале само Пјер и Пекерел за наградата. Марија била вклучена откако Пјер ги убедил членовите на комитетот за Нобелова награда дека неговата сопруга заслужила да ја добие наградата. Осум години подоцна, во 1911 г., Марија сама ја примила Нобеловата награда по хемија за нејзиното откривање на радиум и полониум и нејзиното истражување на елементите.

2.Пјер  бил најголемата љубов на Марија и нејзин соработник

Марија, која била родена како Марија Склодовска во 1867 година, го запознала Пјер Кири во 1894 година кога почнала да работи во неговата лабораторија. 35-годишниот Пјер бргу се заљубил во 27-годишната Марија. Тие се венчале следната година. Иако Пјер бил постар, Марија била главна во работата. Пјер ѝ помагал на Марија да напредува со нејзините откритија. Тие биле посветени на работата, но и еден на друг. Нивната приказна завршила по три години откако заедно ја добиле Нобеловата награда, кога Пјер загинал во сообраќајна несреќа.

3.Нобеловите награди ја прославиле Марија

Повеќе од 150 години по нејзиното раѓање, Марија Кири останува една од најпознатите научнички во светот. Но таа била славна и додека била жива. Луѓето ја сметале за херој бидејќи била жена во наука во која речиси нема жени. Во 1921 г. Марија и нејзините две ќерки ги посетиле САД и биле пречекани од обожаватели.

4.Ирен предавала радијација како тинејџер

Марија не сакала да се откаже од својата работа по раѓањето на нејзината ќерка Ирен во 1897 година. Но, таа им била посветена и на своите ќерки. Ги запишала ќерките во училиште во кое родителите им предавале на децата според областите во кои работеле. Како што минувале годините, Ирен го заменила Пјер како соработник на Марија. Ќерката ѝ помагала на Марија во работата во болниците за време на Првата светска војна. Ирен, исто така, ги подучувала војниците и медицинските сестри за радијацијата. Ова се случувало пред Ирен да добие универзитетска диплома.


Фото: Ирен Жолио – Кири и Фредерик Жолио/Wikipedia

Подоцна Ирен и станала помошник на Марија во работата на нејзините истражувања. Таму Ирен го запознала Фредерик Жолио, кој подоцна ќе и стане сопруг. Исто како мајка ѝ, и Ирен починала од преголема изложеност на радијација.

5.Ева била сосема поинаква од Ирен

Ева била седум години помлада од сестра и Ирен, а двете девојки не можеле да бидат поинакви. Ирен била мирна и сакала да учи и да чита книги, додека Ева сакала да излегува со пријателите. Таа не одела по чекорите на своите славни родители, туку станала писател. Нејзината најпозната книга е биографијата на нејзината мајка, која Ева ја напишала откако починала Марија во 1934 година.


Фото: Ева Кири/Wikipedia

За време на Втората светска војна Ева била дописник и патувала во многу воени зони. Потоа го искористила материјалот од патувањата за да напише книга. По војната Ева почнала да се занимава со хуманитарна работа, а во 1952 година била советник на првиот генерален секретар на НАТО. Во 1954 таа се венчала за американскиот дипломат Хенри Ричардсон Лабуис, кој подоцна станал извршен директор на УНИЦЕФ. Ева починала во 2007 година на возраст од 102 години.

Автор: Џенифер Маркез

Please follow and like us:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *