Menu Close

ПОЕТЕСАТА ЛУИЗ ГЛИК ЈА ДОБИ НОБЕЛОВАТА НАГРАДА ЗА ЛИТЕРАТУРА 2020 ГОДИНА

Својата одлука, годинешната награда да и ја додели на американската поетеса, што беше изненадување за многу експерти, Шведската академија во Стокхолм ја образложи со „непогрешливиот поетски глас“ на Луиз Глик.
Луиз Глик е 16-та жена која освои Нобеловата награда, како и прва американска државјанка која ја освои престижната книжевна награда во последните 27 години, откако Тони Морисон ја доби наградата во 1993 година.

Годинешната добитничка на Нобеловата награда за литература ја краси „непогрешлив поетски глас кој со строга убавина го прави индивидуалното постоење универзално“, соопшти во образложението Шведската академија за литература.

Глик е родена 1943 година во Њујорк, во семејство на унгарски Евреи кои емигрирале во Америка, а денес живее во Кембриџ, Масачусетс. Покрај што се занимава со пишување, таа е и професор по англиски јазик на Универзитетот Јеил. Луиз Глик дебитираше на поетската сцена во 1968 година со „Прво раѓање“ и набрзо беше прогласена за една од најистакнатите поети во американската современа книжевност.

This image has an empty alt attribute; its file name is luiz-glik-1.jpg

Врачување на наградите во услови на пандемија

Има објавено 12 збирки песни и неколку томови есеи за поезија. Во една од најфалените збирки на годинешната лауреатка, „Див ирис“ (1992), таа го опишува чудесното враќање на животот по зимата во песната „Кокиче“.

Нејзините дела ги одликува стремеж кон јаснотија. Детството и семејниот живот, блиските односи со родителите и браќата и сестрите, се тема која кај неа остана централна. Шведската академија за книжевност истакна и дека таа „го бара универзалното и во тој процес црпи инспирација од митовите и од класичните мотиви, кои се присутни во поголемиот број од нејзините дела“.

„Аверно“ (2006) е мајсторска збирка, визионерско интерпретирање на митот за симнувањето на Персефона во пеколот, во заробеништво на Хад, богот на смртта, велат од Академијата.

This image has an empty alt attribute; its file name is d09bd0a3d098d097-d093d09bd098d09a-2.jpg

Нобеловата награда за литература е дотирана со десет милиони шведски круни (околу 950 000 евра). Официјално ќе биде врачена во Стокхолм на 10 декември, годишнината од смртта на Алфред Нобел. Поради пандемијата на коронавирусот, наградите на годинешните лауреати ќе им бидат доделени во нивните матични земји- во шведските амбасади или во универзитетите во кои работат.

Години на скандали

Нобеловата награда за книжевност за 2018 година ја доби полската авторка Олга Токарчук „за наративната имагинација која со енциклопедиска страст го претставува преминувањето на границите како облик на живот“, додека Нобеловата награда за книжевност за 2019 година беше доделена на австрискиот писател Петер Хандке „за влијателното дело кое со јазичка генијалност ја истражува периферијата и спецификите на човечкото искуство“.

Please follow and like us:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »