Menu Close

Емотивен манипулатор-рецензија од Марија Лозаноска

Би рекла дека е љубовен роман, но љубовта не е толку комплицирана.
Би рекла дека е женска книга, но ликот не е феминист.
Би рекла дека Катја е наивна млада женска личност, но дејствието не оди кон таков правец.
Би рекла многу работи за книгата, но не и дека не ја препорачувам.Авторката Ксенија Николова е една од младите македонски автори кои сака да пишува за модерното време, модерните чувства, модерните демони околу нас. Писателка и прозаист која погодува директно преку мислата. без вртежи од метафори и купишта од стилски фигури. Таа е автор која те тера да се замислиш директно во приказната и те тера самиот да си смислуваш ситници. Додека многу автори упорно мислат дека задолжително е до најмал детаљ да се опишат чувствата, предметите, ликовите, настаните, околностите, местата – таа цврсто е убедена дека и без таа неопходност читателот може да ужива во течението на нејзината приказна.
И во право е.

Навидум изгледа како љубовен роман, но јас би дала многу поголема тежина на ова четиво. Ова е една приказна во која на љубовта ѝ се меша најлошиот вид на човек – манипулаторот. Љубовта сама по себе е феномен на човештвото и таквите луѓе едноставно немаат право да го расипат најубавото чувство во животот. И, како да се спасиме од таквите ‘монструми’? Како да ги препознаеме пред да ги пуштиме во нашите животи? Како да сфатиме на крајот од краиштата дека ние сме најбитните во нашиот свет?
Лек нема, но начини и тоа како има.
Само треба да си посилен кога ти е најтешко, само треба да се свртиш наоколу кога мислиш дека дупката пред себе не е единствениот пат понатаму.

Главниот лик Катја ми го стопли срцето. Амбициозен млад лик кој има многу сништа во животецот. За светот мали, но за неа најголеми. На моменти мислиш дека самиот си Катја поради реалното творење кое и да нема многу фантазија. Таквото раскажување нè враќа во реалноста во која секој момент може да ти се случи истото. Николова на одличен начин те води кон приказната и те тера да не ја оставиш на половина. Низ пишуваното како да сретнуваш многу сведоштва од таквите малтретирања низ светот. Те креваат најгоре, па те спуштаат најдолу – тие падови не ги заслужува никој. Катја низ романот ги брка сите од себе оставајќи го само Мали – истиот оној лик кој, мислејќи дека ја спасува, само ја турка и турка во бездната на депресијата. Со секој обид од другите Катја да се врати на патот во кој е сакана, таа само се враќи по темни сокачиња во кои темните мисли ѝ надвиснуваат како разголени гранки во мрачна шума. Катја од разумна личност се претвора во манипулирана.
Низ романот се среќаваат и семејни врски кои ги создаваат овие манипулатори, се откриваат тајни за ситуацијата во домот, се разрешаваат дилеми каква би ни била иднината доколку би останале со таквите емоционално нарушени луѓе. Секое прашање што ќе го поставите низ напишаното – на крајот добивате одговор.

​ Оваа книга нè учи многу – да се почувствуваме сакани, па во следниот миг избркани. Да го имаме светот на дланка, па во следниот момент да сме му на маргините.
Ова е книга која секој треба да ја прочита, но никому да не се случи.
Ова е приказна за Катја и нејзиниот емотивен манипулатор.
​ Набавете си ја.

Марија Лозаноска,
дипломиран јазичар и книжевник
Please follow and like us:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Translate »