Menu Close

Бебето кое плачело во војна додека мајка му молела за спас, сега игра за Јуве и вреди 74 милиони евра

Игра за еден од најдобрите клубови во светот, а нема ни трошка таблоидни амбиции и прчења за додатни пари и слава. Него му е најважно семејството со кое едвај преживеал, а сон му било да стане фудбалер. Од куршумите го спасил татко му со помош на топка.

Миралем Пјаниќ или како што пред неколку дена босански коментар го нарече „босанскиот Жунињо“, денеска полни 29 години. Сите знаеме колку добар играч е и каков снајперски удар има од слободен удар, а да не беше така немаше да направи кариера која го носи во сè поголеми клубови: Мец (2007/2008), Лион (2008-2011), Рома (2011-2016), Јувентус (2016-).

Како почнал само он си знае или уште повеќе неговите родители Фахрудин и Фатима. Да не била идејата на татко му, можеби никогаш немаше да слушнеме за фудбалер по име Миралем Пјаниќ.

Неговата сторија е поврзана со војната од БиХ во 1990-та или годината кога е роден специјалистот за слободни удари. Татко му на Миралем бил фудбалер на Дрина од Зворник, град кој се наоѓа на границата со Србија.

Единствениот начин за да се спасат и да почнат нов живот било да си ја бараат среќата во друга земја, па така татко му сметал дека е најдобро да заминат во Луксембург. Но многу малку фалело да останат во военото жариште. Добиле дозвола од клубот на татко му, поради плачот на бебето по име Миралем.

„Татко ми ја прашал секретарката на ФК Дрина дали може да му даде документи за работа кои ќе ни завршат да излеземе од земјава, но се вратил дома со празни раце. Потоа се обидела мајка ми со бебе во раце. Наеднаш бебето почнало да плаче гласно, секретарката и мајка ми молчеле и само тоа се слушало. Секретарката во тие моменти ги извадила потребните документи и и рекла на мајка ми дека тоа го направила само поради плачот на бебето“, раскажува Пјаниќ кој заплакал во вистински момент.

„Ја напуштивме БиХ кога имав само една година и заминавме во Луксембург. Тоа беа многу тешки моменти за моето семејство, јас бев мал и не се сеќавам, но за нив беше многу стресно. Оставија роднини и пријатели за да почнат одново, тоа не е лесно. Татко ми почна да игра во еден локален тим, а јас одев често со него на терен, го гледав како тренира и имав желба да почнам со истото. Имав 5 години и стартував со топката многу рано благодарение на него. Фудбалот за мене во тие моменти беше многу важен“.

Татко му Фахрудин за најтешките моменти од нивниот живот вели:

„Миралем го заштитив од војната со помош на топка. Имав среќа да го оддалечам од злосторствата на војната и кога го гледав како расте никогаш не ми тежеше тоа бегство“.

Пјаниќ како дете најмногу сакал да го гледа Зидан кој му бил пример број 1 и сон му било да стане фудбалер. По стапките на татко му и тој заиграл во локален клуб во Луксембург, а кога имал 14 години под свои закрила го земале во Мец.

Бебето кое ја вознемирило секретарката на босанскиот клуб каде играл татко му, денеска вреди 74 милиони евра и има пет трофеи со Јуве.

Тој е еден од најдобрите фудбалери на денешницата за кого не сте прочитале скандал и важи за скромен дечко кој не пати од внимание.

„Не сакам да бидам во центарот на вниманието. Сакам да живеам нормален живот, да се држам до семејството и да му бидам пример на син ми. Тој е мојата одговорност и сакам да му го покажам вистинскиот пат“.

Миралем Пјаниќ зема жена од Ница со која има син по име Един. Покрај босанскиот, зборува уште пет јазици: луксембуршки, француски, англиски, германски и италијански.

Вели дека му е многу важно и пријателството со луѓето кое жали што не бил во можност да го оствари во родната земја како дете.

Уште еднаш ремек делото против Грција од пред неколку дена со одличен босански коментатор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *