Menu Close

Педесет нијанси сиво (Fifty Shades of Grey)-филм

Пред да почнам, бидејќи ја немам читано книгата не можам да направам споредба, па токму затоа ќе ги пренесам само моите впечатоци од филмот… Приказната нè води во животот на Ана (Дакота Џонсон) и Кристијан (Џејми Дорнан), личности кои се сосема спротивни еден од друг, но кои по сплет на околности ќе се најдат на ист пат. Ана, заменувајќи ја својата пријателка новинарка која е болна, ќе отиде да го интервјуира Кристијан Греј, милијардер и успешен бизнисмен, кој слободно можеме да кажеме дека е сон на секоја жена. Уште во првите неколку моменти од нивната средба, помеѓу нив почнува да се чувствува неверојатна сексуална енергија и токму тоа ќе биде почетокот на нешто што Ана никогаш не би поверувала дека токму на неа би можело да ѝ се случи.

film-50-nijansi-sivo-50-shades-of-grey-www.kafepauza.mk.jpgФилм: 50 нијанси сиво (50 Shades of Grey)

Ана е млада девојка, невина во секој поглед. Таа не само што немала момче досега, туку и сè уште е девица. Таа е тивка и повлечена, до одреден степен и срамежлива, па можеби токму поради овие нејзини карактеристики тој ќе почувствува нешто повеќе кон неа. Од друга страна пак, Кристијан е сè она што Ана не е. Но, она што навистина го издвојува се неговите потреби во сексот. Неговите врски не вклучуваат чоколади, цвеќиња и романса – тој едноставно не ги сака тие работи. За него е важен сексот, поточно доминацијата во сексот. Него го возбудува кога има целосна контрола врз жената, која ја наградува доколку е послушна или ја казнува доколку ги прекршува правилата. Кристијан е доминантен, па токму затоа бара жена која ќе му биде покорна, како во сексот, така и во секојдневието.

Филм: 50 нијанси сиво (50 Shades of Grey)Филм: 50 нијанси сиво (50 Shades of Grey)

Основата на приказната е навистина интересна и овозможува многу можности за нејзино развивање, но тоа е нешто што овој филм не успева да го постигне. Додека го гледате, ќе имате чувство како репликите да се само нафрлани, најчесто во погрешно време и на погрешно место. Не се чувствува длабочина во нивниот дијалог и само на ретки моменти може да се забележи сексуалната тензија помеѓу двата главни ликови. Приказната се движи премногу брзо и токму поради тоа како да го губи својот тек, па ни создава повеќе прашања отколку одговори. На моменти настаните дури и немаат логика, бидејќи во еден момент се случува едно, а потоа веднаш преминува на нешто друго, без никаква поврзаност.

Филм: 50 нијанси сиво (50 Shades of Grey)Филм: 50 нијанси сиво (50 Shades of Grey)

Што се однесува до глумата, Дакота Џонсон одлично го одигрува ликот на Ана, но во одредени сцени Џејми Дорнан изгледа премногу здрвено, па можеби дури и како да му е непријатно. Покрај основната приказна, филмот изобилува и со експлицитни сцени, каде што Кристијан ја запознава Ана со својот сексуален свет, но и овие сцени не се доволно разработени, најверојатно поради целта филмот да остане рангиран за публика над 16 години. Сè на сè, доколку сте љубопитни дајте му шанса на филмот, но не одете да го гледате со премногу високи очекувања, бидејќи големи се шансите дека ќе се разочарате. Од друга страна пак, ако многу ви се допаднала книгата, тогаш можеби е подобра идејата да останете со вашето лично и субјективно доживување на приказната. Изборот е ваш.

 

Автор: 

Филм: Педесет нијанси сиво (Fifty Shades of Grey)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *