Menu Close

Осум наслови во конкуренција за наградата за поезија „Антево Перо“

 

September 6, 2019

На својот прв консултативен состанок одржан на 04 септември 2019 година, жири-комисијата за доделување на наградата „Антево перо“ во состав: проф. д-р Венко Андоновски (претстедател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), констатираше дека за Конкурсот има голем интерес, што се огледа и од пристигнатите 87 авторски ракописи. Изразувајќи нескриено задоволство од рекордниот одзив на овој Конкурс, посветен на нашиот поетски великан Анте Поповски, Комисијата констатира дека во голем број од пристигнатите збирки е присутно вистинско шаренило од теми, умешно и успешно обработени, што севкупно ги чини поетски дела со респектабилни естетски вредности.

Раководејќи се од севкупниот впечаток и целовитоста на поетскиот израз, од мноштвото пристигнати наслови, Комисијата во поширокиот избор за доделување на наградата „Антево перо“, ги издвои следниве поетски ракописи: „Капе времето“ на Виолета Танчева Златева, „Јазикот на светлината“ на Сузана В. Спасовска, „Градот“ на Иван Џепаровски, „Дупка“ на Александра Димитрова, „Граници“ на Михајло Свидерски, „Ѕидање на времето“ на Искра Пенева, „Музеј на чувствата“ на Јосип Коцев и „Кожена душа“ на Емануела Ковачевска. Редоследот на номинираните нема вредносно значење.

Жири комисијата не го крие своето задоволство што и покрај постоењето на голем број поетски фестивали и награди во земјава, годинава името на Анте Поповски беше дополнителен мотив рекорден број автори да конкурираат за поетското признание „Антево перо“. Со чувство на особена радост, Комисијата ги споделува и податоците за извонредниот одзив на млади автори, како и за учеството на Конкурсот на автори кои творат на македонски јазик од Австралија, Шведска и Србија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *